
ШПЕДИТЕРСКАТА КОМПАНИЈА „МАКОШПЕД“ ДОБИ НОВ ДИРЕКТОР – Стефан Станкоски застанува на чело на друштвото, а таму има и акции
Стефан Станкоски ќе биде новиот генерален директор на шпедитерската компанија „Макошпед“.
Тој ќе дојде на местото на Аница Неделковска, објави компанијата до инвеститорите преку Македонската берза.
Од компанијата уште и известуваат дека Стефан Станкоски поседува 306 акции во ова шпедитерско акционерско друштво.
Во делот насловен како известување за промени на органите на управување, од компанијата информираат дека „на конститутивната седница на Одборот на директори на Макошпед АД Скопје за извршен член на Одбор на директори – генерален директор избран е Стефан Станкоски, кој поседува 306 обични акции во Друштвото. Аница Неделковска не поседува акции во ТД Макошпед АД Скопје. Направен е упис во Централен Регистар на РСМ“, се вели во објавата на компанијата до Берзата.
Инаку, според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, најголем акционер во „Макошпед“ е компанијата Мепком Кочо и други, која што се занимава со трговија на големо и мало, потоа Уготур поседува 18,9 проценти, а ИГМ Трејд од Кавадарци на Илија Гечев располага со 12,93 отсто од капиталот, додека, пак, самиот „Макошпед“ си има сопствени акции од 10 проценти.
Н.Н.Ф.

