
Шојгу отишол да земе повеќе оружје?
Ентони Блинкен денеска изјави дека официјален Вашингтон верува оти рускиот министер Сергеј Шојгу отпатувал во Северна Кореја за да обезбеди нови резерви на оружје.
Американскиот државен секретар додаде дека е потребно оружје за да се продолжи офанзивата против Украина.
По доаѓањето на Шојгу во Пјонгјанг, Блинкен изјави дека Русија со сите сили се обидува да купи оружје од сојузниците ширум светот, пренесува лондонски Гардијан.
„Многу се сомневам дека (Шојгу) е таму на одмор. Гледаме дека Русија очајно бара поддршка и оружје каде и да ги најде за да продолжи со својата агресија против Украина“, изјави Блинкен за новинарите во Австралија.
Според него, Русија тоа го прави во Северна Кореја, а тоа го прави и со Иран, од каде Кремљ набавил голем број беспилотни летала за уништување цивилна инфраструктура и убивање цивили во Украина.
За време на посетата на Северна Кореја, Шојгу се сретна со лидерот на таа земја, Ким Џонг Ун, со кого имал „пријателски разговор“, објавија севернокорејските државни медиуми.