
Шкупи се спасуваше од пораз, победи за Шкендија и Струга, реми на Пелистер и Гостивар
Од Воска во текот на летото си заминаа голем дел од стандардните првотимици од минатата сезона и за ова важеа можеби и за најголем фаворит за испаѓање, но денеска против Шкупи одиграа одличен дуел.
Не изгледаше дека ќе видиме изненадување кога Ибиши по 14 минути игра ја погоди мрежата на гостинскиот состав, но Јахја пред крајот на првиот дел се погрижи за 1:1.
Вистински шок за чаирчани кои овој натпревар го играа во Маџари следуваше во 74. и 80. минута кога прво Осеи погоди за 1:2, па Ибраими зголеми на 1:3. Шкупи сепак не се откажа и во завршницата постигна два гола преку Геје и Едмудсон за да избегне изненадувачки пораз.
Шампионот Струга на домашен терен ја започна сезоната со победа против Тиквеш, а моментот на одлука се случи во 89. минута кога погоди Компаоре. Шкендија ја оправда фаворитската улога и на гости кај Беса забележа триумф од 1:3.
Во останатите два натпревари, Пелистер одигра реми на свој терен против амбициозниот Гостивар 1:1, додека Работнички го совлада Силекс со 1:0.
Вечерва во терминот од 20:30 часот се игра и последниот натпревар од ова прво коло во кој Вардар ќе гостува на Брера.
