
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Русија, Путин најави ново оружје
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во повеќедневна посета на Русија каде треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Ким пристигна на посетата заедно со највисоките воени претставници кои раководат со фабрики за оружје и муниција.
Средбата меѓу Путин и Ким ќе се одржи во Владивосток, на далечниот исток на Русија, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Путин се наоѓа во Владивосток на далечниот исток на Русија, кој е на околу 200 километри од границата со Северна Кореја.
Американците тврдат дека целта на посетата е Москва да го убеди Пјонгјанг да му продаде оружје за војната во Украина.
Ова е прво патување на Ким во странство по четири години – последен пат тој се сретна со Путин лице в лице во 2019 година.
Пред разговорите со претседателот на Северна Кореја, Путин на економски форум во Владивосток рече дека Русија развива „ласерско, ултразвучно и радиофреквентно оружје“.
Путин зборуваше на Источниот економски форум, годишен состанок чија цел е да се охрабрат кинеските инвестиции на далечниот исток на Русија.
Пред неколку дена американски извори најавија средба меѓу Путин и Ким Џонг Ун, на која се наведува дека може да се договорат за зајакнување на воено-економската соработка.
Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД, изјави дека за време на неодамнешната посета на Северна Кореја, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се обидел да го убеди Пјонгјанг да продаде артилериска муниција на Москва.
