
Сенатот на САД предложи резолуција за поддршка на влезот на Македонија во ЕУ
Американските сенатори Питер Велч, Џин Шахин, Пит Рикетс и Том Тилис предложија Резолуција со која САД даваат поддршка за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Сенаторите во резолуцијата ја истакнале силата на трансатлантските односи меѓу САД, Северна Македонија и Европа.
Како што пренесува Гласот на Америка, Сенатот ги повикал претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Македонија, без дополнителни билатерални услови.
„Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со Владата на Северна Македонија, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западниот Балкан, вклучително и Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европска Унија“, се вели во резолуцијата, во која исто така се нагласува и поддршка за македонската влада да преземе реформи неопходни за унапредување на членството.
Сенаторот Велч вели дека пристапувањето на Македонија во ЕУ ќе ја зајакне регионалната стабилност на Западен Балкан, ќе ја промовира европската кохезија и дополнително ќе го отфрли руското малигно влијание во регионот и пошироко.
„Натамошниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување означува важна пресвртница за земја која веќе направи значајни чекори на тој пат. Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на демократските реформи, владеењето на правото и трансатлантското партнерство. Уверен сум дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе донесе зголемени можности за бизнис и трговија, како и дополнителна координација меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Северна Македонија“, вели сенаторот Велч.
