
СЕМЕЈНА ДРАМА ВО СВЕТИ НИКОЛЕ: Со остар предмет ѝ се заканувал на мајка си и кршел по дома – синот заврши во притвор
43-годишен маж од Свети Николе заврши зад решетки во кумановскиот затвор, откако вчера предизвикал вистински ужас во семејниот дом, напаѓајќи ја сопствената мајка.
Инцидентот се случил вчера (5 јануари) на пладне. Полициски службеници од ОВР Свети Николе го уапсиле насилникот во 12:15 часот, постапувајќи по итна пријава од мајката.
Според полицискиот билтен, синот во дворот на семејната куќа извадил остар предмет со кој ѝ упатувал директни закани на мајка си. Во својот бес, тој искршил и дел од покуќнината.
Институциите реагирале брзо. Против 43-годишникот е поднесена кривична пријава по брза постапка. Судија од Основниот суд во Свети Николе го прифатил предлогот и на насилникот му одредил мерка притвор. Тој веднаш е спроведен во Казнено-поправната установа (КПУ) Затвор Куманово.
