
Се замонаши екс амбасадорот во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски
Поранешниот македонски амбасадор во Ватикан и универзитетски професор, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 28 мај 2025 година.
Чинот на монашки постриг бил извршен во храмот „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол, Скопје, од страна на Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој потоа го ракоположи и во јероѓаконски чин под монашкото име Георгиј.
„На 28 мај 2025 година, кога Светата Црква го прославува Одданието на Воскресение и споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, отслужи Божествена Литургија во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ – Криви Дол, Скопје. На Литургијата Архиепископот го ракоположи во јероѓаконски чин монахот Георгиј (Ѓорѓевски)“, стои на веб страницата на скопската епархија.
Ѓорѓевски е теолог со богато академско и дипломатско искуство, а зад себе има бројни научни трудови и книги. Магистрирал и докторирал на Понтификалниот универзитет „Грегоријана“ во Рим, а од 2010 до 2014 година бил амбасадор на Македонија при Светата Столица.

