СЕ ВРАЌААТ ПОВИСОКИТЕ КОЕФИЦИЕНТИ ЗА УСТАВНИТЕ СУДИИ Предлогот оди пред пратениците
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска едногласно ја усвои измената на одлуката за определување коефициенти за утврдување на платите на претседателот, пратениците и функционерите што ги избира и именува Собранието.
Со измената се менуваат две конкретни ставки – коефициентот за претседателот на Уставниот суд и коефициентот за судиите на Уставниот суд. Според предлог-одлуката, коефициентот за претседателот на Уставниот суд се менува од 2,81 на 3,08, додека коефициентот за судија на Уставниот суд од 2,60 на 2,85.
Новите коефициенти ќе почнат да се применуваат со исплатата на платата за октомври 2026 година.
Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски, рече дека Комисијата постапува согласно со одлуката на Уставниот суд.
– Комисијата за избори и именувања постапи по одлуката на Уставниот суд онака како што беше донесена – рече Сајкоски.
Одлуката на Комисијата следува по одлуката на Уставниот суд од 17 јуни 2026 година со која Судот ги укина деловите од член 14 и член 15 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, што се однесуваат на претседателот и судиите на Уставниот суд. Одлуката има одложено дејство до 1 октомври 2026 година.
Уставниот суд оцени дека платите на неговиот претседател и судиите биле уредени во ист нормативен режим и со исти критериуми како платите на други носители на јавни функции.
Судот наведе дека ваквото уредување не ја зема предвид посебната уставна положба на Уставниот суд и неговата институционална и функционална независност.
Со оглед на тоа што Собранието не постапило во рокот од 60 дена што му бил даден по решението од февруари, Уставниот суд определил дека од 1 октомври, за пресметката на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се применува законското решение од 2024 година, со кое се утврдени коефициентите 3,08 и 2,85.
Предлог-одлуката сега треба да биде разгледана и усвоена на пленарна седница на Собранието.
.
Извор: plusinfo.mk