
СЕ ВРАЌА ЛИ ХОТЛАЈНОТ ВО МОДА? Каква телефонска линија си закупи МВР за 2 милиони евра?
Под притисокот на јавноста за лошото менаџирање и хроничен недостиг на термини за промена на лични документи МВР ангажираше фирма на која ќе плати 1,92 милиони евра (со ДДВ) за да го решава проблемот. Фирмата „Симболико“ била единствен понудувач за кол центар и го добила тендерот со почетната цена од 58 денари за повик (без ДДВ). Нејзините финансиски резултати за лани се далеку послаби од тие во 2021 година, а го намалила и бројот на вработени за 23%. Како таа фирма, што доби тендер од МВР за 1,9 милиони евра и е основана со влог од 5.000 евра, ќе се справи со проекцијата на МВР за до 10.000 повици дневно? Останува да видиме…
МВР ќе плати 1,92 милиони евра за услуги од фирма ангажирана како кол центар кој што ќе овозможи телефонско закажување на термин за поднесување барање и за издавање лични документи, предвидува договорот што македонската полиција го склучи со скопската компанија „Симболико“.
Освен телефонско закажување за вадење документи МВР оваа фирма ќе ја ангажира за уште две услуги за истата намена кои предвидуваат онлајн поднесување барање и закажување термин за вадење лични документи.
МВР на овој тендер ја избрала највисоката понудена цена која воедно била и единствената понудена. Цената што ќе ја плати МВР е 66 денари (со вклучен ДДВ) за секој еден телефонски повик и 1,18 денари за онлајн комуникација.
Во јавно достапната документација пишува дека МВР дневно очекува до 10.000 повици од граѓани кои бараат информација, а меѓу нив до 6.000 повици за промена на личните документи (исправи).
Веднаш паѓа во очи дебаланост на времетраењето на договорот со очекуваниот број на повици дневно и цената за секој еден повик. Доколку МВР очекува 10.000 повици просечно дневно, а за секој плаќа 1 евро тогаш целата сума ќе ја потроши за шест месеци од договорот што треба да трае 36 месеци!
Во својата тендерска документација МВР бара од „Симболико“ бројот на неопслужени телефонски повици на месечно ниво да не биде поголем од 1 отсто од сите повици кои неговите оператори ќе ги добијат во текот на еден месец.
Договорот се склучува во времетраење од три години и е рамковна понуда што на МВР му дава за право да не ја искористи договорената сума во целост.
Која е фирмата „Симболико“ единствената што му излезе на мегдан на МВР?
Станува збор за мало претпријатие регистрирано во скопската општина Аеродром. Регистрирана е за дејноста на повикувачки центри. Но, „крвната“ односно финансиската слика на „Симболико“ е далеку од сјајна. Еве ги фактите: лани ова друштво го намалило бројот на вработени за 23 отсто и годината ја завршило со 23 вработени лица. Дека не била добра годината покажува и фактот што добивката лани била 18.000 евра се стопила за 95 отсто во однос на 2021 година. Навистина индикативно е тоа што „Симболико“ лани се соочила и со колапс на приходите од работењето кои изнесувале 700.000 евра и се за 69 отсто пониски од 2021 година.
Фирмата што доби тендер од МВР за 1,9 милиони евра е основана со влог од 5.000 евра, а нејзин единствен сопственик е Елена Салонтаји.
Р.Ф.
foto freepik.com
