
Се слушаат експлозии во Трубарево: Горат два погони со литиумски батерии!
Во скопското село Трубарево попладнево избувна голем пожар проследен со серија експлозии, откако се запалиле литиумски батерии и електричен отпад во два погони на фирмата „Ф – ГРУПАЦИЈА“.
На терен интервенираат два полициски хеликоптери и авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, а пламенот и густите облаци чад се видливи од речиси сите делови на Скопје.
Согорувањето на батериите е причина за гласните експлозии кои постојано одекнуваат и предизвикуваат вознемиреност кај жителите во околината. Засега нема информации за повредени лица.
Екипите на Противпожарната бригада, полицијата и Дирекцијата за заштита и спасување остануваат на терен сè додека пожарот не биде ставен под контрола.
