
Се огласи косовоската влада на Курти: Посетата на премиерот беше на покана на градоначалници
Бидејќи во Македонија се зголемија дебатите и критиките меѓу македонските политички партии и највисоките државни функционери по престојот на премиерот на Косово, Албин Курти, во петокот во Скопје и Тетово, реагираше и Владата на Косово.
Портпаролот на Владата, Перпарим Криезиу, рече дека Курти во овие две општини отишол на покана на градоначалниците, при што ја спомена и заедничката средба на двете влади во септември 2021 година.
„Посетата на премиерот Курти на Северна Македонија беше на покана на градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, по повод преименување на улица во Скопје со името на деецот Адем Демачи и свечено пуштање во употреба на патот кој поврзува две села. Во средината на јуни, исто така, со покана, премиерот Курти учествуваше на Форумот во Преспа, во Струга, во чии рамки оствари средби со албански претставници на Северна Македонија, меѓу кои и со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Што се однесува до нивото на меѓудржавните односи, потсетуваме дека двете влади за прв пат одржаа заедничка средба во септември 2021 година, како резултат на добрите односи и заедничките интереси. „Комуникацијата меѓу владините кабинети е редовна“, рече тој.
Тој му одговори и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави дека „Курти во Тетово ја промовираше „Голема Албанија““.
„Како што изгледа, Вучиќ тоа го почна сам, инсистирајќи на „Голема Србија“ и по четири изгубени војни под името „Српски свет“ залудно не обвинува“, продолжи тој.
Инаку, македонските политички фактори претставувањето на Курти го гледаат како националистичко, при чиј говор, пред илјадници поддржувачи во Тетово, јавно беше истакнато знаме на „Голема Албанија“.