
СДСМ: Граѓаните го видоа предавството на Македонија во Собранието, мигранти за пари!
Граѓаните во живо го видоа, како што рече, „предавството на Македонија“ што се случи во Собранието, изјави за медиумите Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
Тој обвини дека премиерот Христијан Мицкоски вчера избегнал да одговара на пратенички прашања и свесно се повлекол од дебата за Резолуцијата поднесена од СДСМ, со која, како што нагласи, јасно и недвосмислено се затвора прашањето за сместување мигранти во државата.
„Премиерот побегна од вистината и од дебата. Еден ден претходно замина за Брисел, токму за да избегне расправа за Резолуцијата“, изјави Димитријевиќ, додавајќи дека по него од седницата се повлекле и министрите.
Според него, ваквото однесување претставува директно понижување на Собранието и на граѓаните, поради што пратениците на СДСМ ја напуштиле седницата во знак на протест. Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ намерно избегнала расправа во највисокиот законодавен дом, иако, како што рече, пратениците имаат уставна обврска да дебатираат и да одлучуваат за клучни национални прашања.
Димитријевиќ истакна дека Резолуцијата на СДСМ не била ставена на дневен ред бидејќи не била дозволена ниту дебата, ниту гласање. „СДСМ нема да биде соучесник во ова, како што го нарекуваме, национално предавство – мигранти за пари“, нагласи тој.
Тој порача дека владејачкото мнозинство може самостојно да ја изгласа својата резолуција, заедно со, како што рече, „колаборантите од ЗНАМ“, но оти јавноста јасно ќе знае кој ја презема одговорноста.
„Планот е јасен – прво избори, а потоа мигранти во Македонија за пари“, рече Димитријевиќ, додавајќи дека СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ваквите политики.
„Ова нема да им помине. Борбата за Македонија продолжува“, заклучи Димитријевиќ.
