
СДСМ: Го следиме трагот на парите – Томовски донира во ВМРО-ДПМНЕ
На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, го презентираше новиот скандал поврзан со семејната фирма на Томовски, која, според партијата, преку буџетски средства добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.
„Го следиме трагот на парите“, истакна Кузеска, потенцирајќи дека Томовски се обидува да го дистанцира своето име од семејната фирма, иако, како што нагласи, неговиот татко, внукот, зетот и дури и неговиот контакт број се регистрирани во фирмата.
Според Кузеска, антикорупциската борба бара следење на парите, а СДСМ открива дека Томовски е редовен донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Само во 2021 година, тој донирал 8.000 евра, а податоците покажуваат редовни уплати на партиската сметка во износи како 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари и 100.000 денари.
„И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски, е донатор на ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Кузеска. „Семејна фирма, семејни донации. Сè е јасно. Вака парите завршуваат во Белата палата.“
СДСМ повика на итна реакција од ДКСК и Јавното обвинителство, барајќи да се покрене истрага за конфликт на интерес и за корупција на највисоко ниво во власта на Мицкоски.
„Крадењето на народот мора да престане, сите криминалци мора да одговараат“, истакна Кузеска, додавајќи дека АКТ на СДСМ ќе продолжи да ги открива криминалите на власта на Мицкоски.
„Работата не е завршена“, порача таа, најавувајќи продолжување на контролата и обелоденувањето на сите нередовности поврзани со владеењето на Мицкоски.
