
СДСМ достави документи до ДКСК: Скандалозен тендер во МВР од 4 милиони евра за фирма основана 20 дена пред распишувањето!
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска на прес конференција посочи дека СДСМ доставило документи до Државната комисија за спречување на корупција во однос на скандалозниот тендер во Министерството за внатрешни работи.
Како што вели, секој ден власта ја тресат корупциски скандали.
„Буквално смрди на коруцпија во врвот на власта. Последен е скандалозниот тендер во МВР од 4 милиони евра кој го добива и фирма основана 20 дена пред распишување на тендерот.
Фирма без искуство, без капацитет, а вчера видовме и дека е без седиште. Фаном фирма ли е? Како е можно ваква фирма да добие тендер за специјализирана опрема за полицијата?
Ова е огромен скандал поврзан со Панче Тошковски кој бара итна институционална реакција. Денеска сме пред Државната комисија за спречување на корупцијата, да побараме итно постапување по овие сериозните сомнежи за корупција.
Ќе и предадеме документи. Да се истражи до крај, дали станува збор за местен тендер, однапред договорен? Чии интереси стојат зад овој тендер вреден 4 милиони евра?
ДКСК мора да отвори предмет, да ги истражи сите факти и конечно – да обезбеди одговорност.
Време е ДКСК да покаже дека не се неми набљудувачи на криминалот, туку бранители на јавниот интерес“, вели Кузеска.

