
СДСМ: Целосен дебакл на надворешната политика – Владата не знае каде тера
После една година од изборите и речиси цела година од мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучокот за меѓународната политика и дипломатијата е поразителен, велат од СДСМ.
„Ниту едно предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето.
Ветуваа променета и подобра преговарачка рамка за членство во ЕУ, ветуваа подобра меѓународна позиција на Македонија, ветуваа силна надворешна политика и нови меѓународни успеси.
Реалноста е сосема спротивна: Македонија има полоша меѓународна позиција, нема подобра преговарачка рамка, закочен е европскиот пат а нема ниту еден меѓународен успех.
Наместо подобра позиција за преговори со ЕУ, добивме целосно замрзнување на процесот и блокада на европската агенда.
За време на мандатот на СДСМ, Македонија напредуваше во европската интеграција.
Денес сме зад Албанија, зад Црна Гора, зад сите. Тоа е вистината. Молдавија го завзема местото на Македонија на патот кон ЕУ, ние остануваме назад, заглавени во неизвесност.
На секое поле во меѓународната политика е хаос, владата не знае каде тера.
Власта не успеа да покаже конзистента и државничка политика со стратешките парнери ЕУ и САД.
Посетите на премиерот Мицкоски во САД се сведоа на фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени – без конкретен бенефит за државата.
Наместо успех и „влегување во периметарот“ добивме маргинализација и царини највисоки во регионот.
Нема никаков успех на меѓународен план, затоа што воопшто и не се работи.
Додека земјите од регионот водат дипломатска агресивна агенда преку средби со високи државници, нашата дипломатија е сведена на бирократски протокол и импровизација, без стратегија и реална надворешно-политичка визија.
Министерот за надворешни работи, Муцунски, за една година не покажа никаков резултат, нема ниту еден успех.
Единствен потег што го направи е партиско-политички чистки во дипломатијата, незаконско отповикување на амбасадори, замена на професионалци со партиски кадри.