
Сашо Салтировски од ЕВН Електродистрибуција: Во Арачиново минимални загуби, во Слупчане оди глатко
Сашо Салтировски, директорот на ЕВН Електродистрибуција, на изненадување на јавноста, вели дека во Општина Арачиново загубите на електрична енергија во изминатиот период биле сведени на ниво од 10 отсто.
„Арачиново во јуни и јули има загуби од 10 проценти, тоа е на ниво на технички загуби и едно од наниските на ниво на цела Македонија. Слупчане проектот оди глатко. Веќе се привршува. Општина Липково ќе биде првата општина во Македонија целосно покриена со смарт-броила и цела општина со загуби под 10 проценти.
Грчец беше популарен – го завршуваме, работиме со Батинци, но да бидам коректен, завршуваме проекти и во Драчево и Лисиче“, рече Салтировски денеска пред медиумите.
Одговарајќи на новинарско прашање, менаџерот на фирмата-ќерка на ЕВН што се грижи за мрежните загуби на електрична енергија, вели дека струја повеќе се краде во руралните, а помалку во урбаните средини, додека етничкиот состав на населението не играло голема улога.
„Скопје со 20 проценти е регион со најголеми загуби на електрична енергија, а морам да кажам дека Тетово има помалку загуби отколку Битола. Не е тоа поврзано етнички. Секаде каде што нема колективни згради, каде што средините се порурални, како Лисиче и Драчево, загубите се поголеми“, нагласува тој.
