
Сајт регистриран во САД преку Исланд шири лажни вести во Македонија
Сомнителна веб-страница со домен регистриран во САД, која користи услуги за заштита на приватност во Исланд, преку спонзорирани објави на Фејсбук таргетира корисници во Македонија со лажни вести. Според информациите од регистарот на домени, страницата „thewikies.net“ е регистрирана на 15 ноември 2024 година, преку компанијата NameCheap, Inc., со седиште во Лос Анџелес, САД.
Интересно е што вистинскиот сопственик на сајтот е сокриен преку исландска компанија за заштита на приватност „Withheld for Privacy ehf“, лоцирана во Рејкјавик. Вакви услуги често ги користат лица кои сакаат да останат анонимни и да ги избегнат евентуалните правни последици од ширење невистини.
Сајтот користи платени реклами на Фејсбук, насочени кон македонски корисници, нудејќи сензационалистички содржини со крајна цел измама или финансиска корист. Оваа стратегија е често видена кај лажни веб-страници, кои генерираат кликови и заработка преку измамнички содржини.
Регистраторот на доменот, NameCheap, поседува контакти за пријавување злоупотреба ([email protected]), што може да послужи како прв чекор за евентуално деактивирање на страницата.
Граѓаните се повикуваат на внимателност при кликање и споделување вакви содржини, а институциите да преземат мерки за спречување на ширењето на ваквите штетни и манипулативни практики.