
Сѐ уште нема одговор од ОАЕ за екстрадицијата на Шеваљ Муареми
Министерството за правда на Република Северна Македонија сè уште нема добиено официјален одговор од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за барањето за екстрадиција на Шеваљ Муареми, осомничен водач на организираната криминална група „Дуќанџик“ од скопската населба Грчец.
Како што информираат од Министерството, барањето за екстрадиција било испратено на 19 март 2024 година, а било примено од страна на надлежните органи во ОАЕ на 2 април. И покрај тоа, до денес нема никаква повратна информација или одговор од властите во таа држава.
Муареми се наоѓа во бегство од почетокот на март годинава, а Министерството за внатрешни работи на 4 март распиша меѓународна потерница по него.
Во меѓувреме, денеска Основниот кривичен суд во Скопје прогласи за виновни шестмина членови на групата предводена од Муареми. Тие беа осудени за сериозни кривични дела – трговија со кокаин и извршување убиства по нарачка и одмазда.
Пресудите се однесуваат на кривични настани поврзани со двојното убиство во скопската населба Топанско Поле, како и организирана трговија со над 15 килограми кокаин во текот на 2020 година.
Групата „Дуќанџик“ брои околу 15 членови – дел од нив се во бегство, други се убиени, а останатите се предмет на судска постапка или веќе се осудени. Шеваљ Муареми останува еден од клучните бегалци за кои македонските власти бараат екстрадиција, но засега без успех.