
Родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ до Мицкоски: Објавете ја снимката од состанокот за јавноста самата да се увери во вистината!
Од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, јавно реагираат и категорично демантираат дека родителите шират невистини, како што беше изјавено во изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на официјалната веб страна на Влада на РСМ.
„Во прилог на вистината, Ве потсетуваме дека на 07.07.2025 година (понеделник) во 17:00 часот, во Вашиот кабинет, се одржа официјален состанок помеѓу Вас и мнозинството од родителите на трагично загинатите деца. На истиот состанок целокупниот разговор беше целосно снимен од Ваша страна.
Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видео-снимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината“, велат од Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани до премиерот Христијан Мицкоски.
