
Родители на загинати во „Пулс“ вербално „нападнаа“ адвокати: За колку пари ги браните убијците?
По завршувањето на денешното рочиште во судницата во Идризово, родителите на загинатите во пожарот во кабарето „Пулс“ бурно реагираа кон дел од адвокатите на обвинетите.
Во моментот додека сите се упатуваа кон своите автомобили, тие упатуваа тешки обвинувања: „За колку пари се продадовте?“, „Повторно ги убивате нашите деца“, „Осум месеци нè убивате“.
Полицијата со засилен присуство ја следеше ситуацијата и спречи ескалација, па инцидентот остана само на вербални напади.
На обвинувањата, еден од адвокатите возврати: „Законот е таков, мора да имаат бранител.“
Револтот кон адвокатите беше најавен уште пред рочиштето.
Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, изјави дека семејствата се чувствуваат повторно повредени од начинот на кој се води постапката.
