
РФМ: Нашите момци покажаа како треба да се игра за националниот дрес
Со освојувањето на 15. место на Светското првенство, машката ракометна репрезентација на Македонија го заврши своето мундијалско патување во Вараждин. Македонската ракометна федерација (РФМ) ја пофали репрезентацијата, истакнувајќи дека и покрај поразите од силни тимови како Холандија и Франција, тимот покажа значителен напредок.
-Честитки до ракометарите и до стручниот штаб за одличните игри против силните противници. Видовме борбена и храбра игра. Нашите момци покажаа како треба да се игра за националниот дрес. Македонската репрезентација доби нов лик, новата генерација изгради сопствен идентитет. Процесот на смена на генерацијата не беше лесен, но трпеливо чекоревме кон градење на цврсти темели за нови успеси во спортот број еден во Македонија. Голема благодарност до сите кои дел од оваа мундијалска приказна, секоја ваша поддршка беше мотив плус на теренот. Само сплотени можеме да придонесеме за подобро утре, соопштија синоќа од РФМ.
Македонија има причина да биде горда, а новата генерација ракометари ја гради својата патека кон идните успеси.
