
РЕКОРДНА ТЕМПЕРАТУРА ОД 49,5 СТЕПЕНИ ИЗМЕРЕНА ВО ТУРЦИЈА: „Летото во Медитеранот ќе се пресели“
Турција
објави рекордна температура од 49,5 степени забележана вчера во централната
анадолска провинција Ескишехир, а експертите предупредуваат дека трендот на
топлотни бранови во медитеранскиот басен ќе продолжи до 2040-тите.
-Рекордна
температура е забележана во централната анадолска провинција Ескишехир, напиша министерот
за животна средина Мехмет Ожасеки на
Твитер. Претходниот рекорд беше 49,1 степени Целзиусови и беше измерен во 2021
година, додаде Ожасеки.
Националната метеоролошка служба во средата предупреди дека
топлотниот бран ќе продолжи да ги надминува нормалните сезонски температури за
дури 11 степени. Главната причина за рекордите на топлина се климатските
промени, вели Бариш Онол, професор по метеорологија на Техничкиот универзитет
во Истанбул.
„Топлотни
бранови на Медитеранот“
Иако временскиот феномен Ел Нињо носи и температурни
рекорди, топлотните бранови стануваат се почести и подолго траат, рече Онол во
телефонски разговор со ДПА. „Турција ќе биде многу повеќе изложена на високи
температури во следните 30 до 40 години, како и остатокот од медитеранскиот
регион“, предупреди тој.
Врвната туристичка сезона во медитеранските земји ќе се
пресели во септември и октомври од 2040 година, предвидува Онол. Управувањето
со водите и водните ресурси ќе биде исто така клучно за регионот, смета Онол, и
предвидува суша во летните месеци во годините што доаѓаат.
