
Рекорден пад на бројот на дипломирани студенти во Македонија
Минатата година на македонските факултети дипломирале само 7.021 студент – најнизок број во последните петнаесет години, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Овој број е далеку под просекот од претходните години, кога дипломирале по над 10.000 студенти годишно, особено во првата деценија од новиот милениум. Трендот на опаѓање е забележлив уште од 2009 година и не покажува знаци на запирање.
Главните фактори за овој пад, според експертите, се масовните иселувања на млади и постојаниот негативен природен прираст. Демографската криза и иселувањето се сè поочигледни и на универзитетите, каде бројот на запишани и дипломирани студенти се намалува од година во година.