Реагираше и Ердоган по инцидентите во Грузија, турскиот претседател телефонски разговараше со претседателот на Бешикташ во знак на поддршка за навивачите!
Настаните во грузискиот град Батуми, каде што навивачите на турскиот фудбалски клуб Бешикташ се соочија со интервенција на полицијата за време на натпреварот против израелскиот Хапоел Беер Шева, предизвикаа реакции на највисоко државно ниво во Турција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговарал со претседателот на Бешикташ, Сердал Адали, при што изразил солидарност и истакнал дека внимателно ја следи ситуацијата.
Во случајот се вклучи и турската дипломатија. Министерот за надворешни работи Хакан Фидан разговарал со својата грузиска колешка Мака Бочоришвили за состојбата и безбедноста на турските навивачи во Батуми.
ТурскиоТурскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи, пак, телефонски разговарал со својот грузиски колега Сулхан Тамазашвили, изразувајќи загриженост поради употребата на сила врз турските навивачи и барајќи да се гарантира нивното безбедно враќање во Турција.
Реакција пристигна и од Турската фудбалска федерација, која побара целосно расветлување на случајот и утврдување на одговорноста.
Поддршка за Бешикташ изразија и големите турски клубови Фенербахче, Галатасарај и Трабзонспор.
Инцидентот во Батуми започнал откако навивачите на Бешикташ развеале палестински знамиња на трибините. По интервенцијата на безбедносните сили и употребата на солзавец, дошло до судири, поради што натпреварот бил прекинат во 26. минута.
По околу 30 минути прекин, натпреварот продолжил и завршил со победа на Бешикташ од 2:1.
Случајот од спортски инцидент прерасна во дипломатско прашање меѓу Анкара и Тбилиси, а турските власти бараат одговори за постапувањето кон нивните навивачи.