
Расте бројот на деца со грип, клиниката „Козле“ со полни капацитети
Во Клиниката за детски белодробни заболувања „Козле“ во изминатите 24 часа лекарите прегледуваат и до 200 деца со симптоми на грип. Иако оваа сезона инфлуенцата започна подоцна од вообичаено, бројот на заболени бележи нагол пораст, потврдува доктор Елена Ѓиновска-Тасовска.
Според неа, годинава грипот се појавил кон крајот на декември, што, како што вели, најверојатно се должи на потоплото време, но и на зголемените предновогодишни собири и детски забави, кои придонеле вирусот побрзо да се прошири меѓу најмладите. И покрај тоа, клиничката слика не е потешка во споредба со минатата година.
„Симптомите се типични – покачена телесна температура, општа слабост, намален апетит и кашлица. Најчесто се прегледуваат деца од сите возрасти, но хоспитализација е потребна претежно кај деца до две години, кај кои грипот може да предизвика компликации“, изјави доктор Гиновска-Тасовска.
Во моментов, болничките капацитети на клиниката се речиси целосно исполнети, со околу 80 хоспитализирани деца, но, како што нагласуваат од установата, секогаш се остава простор за прием на потешки случаи.
Лекарите апелираат родителите да не паничат при појава на висока температура, која кај грипот може да трае и до седум дена. Се препорачува примена на антипиретици, внес на доволно течности и здрава исхрана, а првичен преглед секогаш да се направи кај матичниот лекар.
Со почетокот на второто полугодие и враќањето на децата во училишните клупи, се очекува дополнително зголемување на бројот на заболени. Пикот на грипот, според проценките на лекарите, се очекува кон почетокот на февруари.
Податоците на Институтот за јавно здравје го потврдуваат растот на инфекциите – во првата недела од оваа година регистрирани се 1.720 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела
