
РАСПИШАН ТЕНДЕР ЗА КУПУВАЊЕ НА 150 НОВИ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ Скопје ќе добие најголем дел од еко-флотата

Министерството за транспорт денеска објави јавен повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полнилници, со што државата прави нов чекор кон модернизација на јавниот превоз и намалување на загадувањето.
Според планот, најголемиот дел од возилата, 100 автобуси, се предвидени за Град Скопје, додека преостанатите 50 ќе бидат распределени во други општини низ државата.
Избраниот понудувач ќе треба да ја реализира испораката по фази: првите 30 автобуси во рок од шест месеци, потоа 60 во рок од 12 месеци и уште 60 во рок од 18 месеци.
Рокот за доставување на понудите е до 30 март 2026 година.
Од Министерството за транспорт велат дека инвестицијата е дел од поширока стратегија за почист воздух и поефикасен јавен превоз.
„Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобрување на условите за граѓаните во користењето на јавниот превоз“, соопштија од Министерството.
Оттаму додаваат дека новите електрични автобуси, покрај еколошките придобивки, на долг рок треба да донесат и пониски трошоци за одржување и енергија.
Јавниот повик е објавен на електронскиот сервис за Бирото за јавни набавки и истиот може да се погледне на следниов линк: https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/fde19674-bc01-4b44-859d-a9202c88f3d3/1
.
