
РАМА: Зошто ја блокирате Северна Македонија?
Aлбанскиот премиер Еди Рама ја коментираше блокадата на Бугарија за Македонија.
Вели дека тоа придонесува да се намалува поддршката за членство во Европската Унија(ЕУ).
„Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни”, изјави Рама.
Тој кажа дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски.
„Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина и долгорочно ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас. Ова е лудо! Целосно лудо! Што значи ова? Дека сега за секоја земја која сака да се зачлени, може да се појави друга и да каже – а, не, прво да видиме кој беше овде прв, кога од мајмуни станавме луѓе, дали бевме ние или вие”, порача албанскиот премиер.
Според него, национализмот ја киднапираше ЕУ и ЕУ станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга. Рама кажа дека решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат.
Албанија и Северна Македонија чекаат почеток на преговори со ЕУ. Прво имаше блокада од Франција, а потоа за земјава стигна и блокада од Бугарија која бара Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот, па потоа да почне преговори.
foto Facebook/Edi Rama
