
Рама: Приштина треба да ги слуша сојузниците, тоа не е апел, туку потреба
Приштина треба да ги слуша сојузниците, вели албанскиот премиер Еди Рама. Тој порача дека Приштина треба да не оди по пат по кој Косово трпи штета.
„Тоа не е апел, туку потреба“, напиша Рама на Твитер.
Албанскиот премиер вели дека за повредените војници на КФОР директно одговорни ги смета „слепите агресори“.
„Тоа, за жал, на Косово му штети во очите на неговите незаменливи сојузници и пријатели. Колку подолго трае овој опасен и непотребен судир, толку повеќе му штети на Косово“, наведе албанскиот премиер.
Вели дека од конфликтот кој се повторува секоја година, со Србија „која ги изложува своите трупи на границата каде нејзината моќ е еднаква на нула“ и Косово „кое покажува неспремност да го финализира дијалогот, може да се излезе само преку дијалогот и моќните сојузници“.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави денеска дека „демократијата не може да биде суспендирана или заложник“. Во видео-обраќање на Фејсбук, Курти рече дека Приштина ја зајакнала комуникацијата со меѓународната заедница и дека смирувањето на ситуацијата е заедничка цел. Кажа дека градоначалниците Албанци на општините на северот на Косово и покрај слабата излезност на изборите поради бојкотот на Србите „се единствените кои имаат легитимитет да бидат во општинските згради и во служба на граѓаните“ и имаат целосна поддршка од властите во Приштина.
НАТО испраќа дополнителни 700 војници на Косово и подготвува уште еден баталјон.

