
Рама не успеа да ја поништи резолуцијата за „жолтата куќа“
Пропадна иницијативата на албанскиот премиер Еди Рама да ја поништи резолуцијата за „жолтата куќа“ во Советот на Европа. Рама побара и поддршка од земјите-членки на Советот за почнување процес што ќе доведе до нов извештај кој ќе го исправи она што тој го нарече „трагична грешка“.
Рама не успеа да го поништи извештајот на поранешниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за трговијата со органи на киднапираните Срби во Косово и северна Албанија, пишува српски „Данас“.
Албанскиот премиер ја поднесе оваа иницијатива на 3 април, на денот кога во Хашкиот суд за ОВК почна судскиот процес против поранешниот лидер на терористичката Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, и неговите соучесници Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красничи.
Рама во документот тврдеше дека во резолуцијата на Марти „без никакви факти се упатени страшни обвинувања за трговија со човечки органи против ОВК“ и дека ни по 11 години од усвојувањето на Резолуцијата во Советот на Европа врз основа на извештајот на Марти, нема докази за трговија со човечки органи.
Според професорот по безбедносни науки, Мирослав Бјеговиќ, Рама сака да го оспори извештајот на Марти, затоа што тој недвосмислено докажал дека имало трговија со органи на киднапирани Срби.
„Тоа заедничко злосторство се случи под закрила на ШИК, разузнавачката служба на Косово на чело со Кадри Весељи. Истиот тој Весељи се школувал во албанската разузнавачка служба ШИШ. СЕ веќе усвои резолуција врз основа на извештајот на Марти, а тоа е тешко да се оспори“, вели Бјеговиќ.
За тврдењата на Рама дека резолуцијата на Марти повеќе се заснова на шпекулации отколку на факти, пратеничката на СНС од Косово, Данијела Вујичиќ, оценува дека ова е обид за притисок врз Србија, но и врз хашките судии.

