
Рама до Вучевиќ: Заканите против стабилноста на Македонија и Црна Гора се опасни
Заканите по стабилноста во Северна Македонија и Црна Гора се опасни и неприфатливи, вели албанскиот премиер Еди Рама.
Рама реагираше по изјавата на министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, во врска со Македонија и Црна Гора, оценувајќи при тоа дека „заканите по стабилноста на двете соседни земји се неприфатливи и многу опасни“, јавија албанските медиуми.
Рама ги нарекува „многу опасни“ и „неприфатливи“ изјавите на Вучевиќ за српските медиуми, за кои рекол дека Македонија и Црна Гора „нема да бидат мирни“ иако се дел од НАТО.
„Заканите против стабилноста и интегритетот на Северна Македонија и Црна Гора се многу опасни и неприфатливи. Да не заборавиме дека Албанија, Северна Македонија и Црна Гора се сојузници на НАТО, целосно посветени на безбедноста и територијалниот интегритет на едни со други“, пишува Рама.
Вучевиќ го изразил своето незадоволство од двете држави поради признавањето на независноста на Косово на што Рама во реакцијата му порачува дека двете земји и Северна Македонија и Црна Гора се дел од НАТО и додава дека иднината на регионот е Голема Европа.
Вучевиќ уште додал дека Северна Македонија и Црна Гора „се мешале во внатрешните работи на Србија“ со признавањето на Косово.
