
Радман: Македонија заслужува брзо членство во ЕУ, нашата соработка е пример за целиот Балкан
Северна Македонија заслужува брзо членство во Европската Унија, порача хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, по денешната средба во Скопје со својот колега Тимчо Муцунски. Според шефот на хрватската дипломатија, земјава одамна е подготвена за почеток на преговорите, а нејзиниот напредок може да послужи како пример за целиот регион.
Радман потсети на историскиот контекст, нагласувајќи дека доколку не беа одредени пречки во минатото, Македонија можеби ќе станеше членка на ЕУ дури и пред Хрватска. Тој подвлече дека отворањето на преговорите е клучно за позитивниот психолошки моментум на граѓаните и изрази надеж дека многу скоро ќе се создадат сите потребни услови за формален старт на процесот, за што Македонија ја има искрената и силна поддршка од Загреб.
На заедничката прес-конференција беше истакнато дека билатералните односи меѓу двете држави се одлични и без ниту едно отворено прашање. Хрватскиот министер посочи дека соработката постојано јакне, особено во економијата и стопанството, а дополнителен потенцијал за развој се гледа во секторите енергетика, здравство и туризам.
Оваа посета, која вклучуваше тет-а-тет средба меѓу двајцата министри и разговори меѓу делегациите, уште еднаш ја потврди цврстата македонско-хрватска врска и заедничката заложба за побрза интеграција на Западен Балкан во европското семејство.
