
РАБОТНИЦИТЕ ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТИ: Најмалку четири странски фабрики ги оставија Србите на цедило
Најмалку четири странски фабрики ги оставија српските работници без плати.
Последен случај беше со работниците од турската текстилна фабрика „Кајра текстил ДОО“ во Мали Зворник кои преку ноќ останаа без работа, а како што тврдат не ги добиле претходните три плати, а на дел од нив како „отштета“ им е понудена стока и машини за шиење. Истото им се случи и на вработените во уште две турски фабрики „Џинс“ и „Бертекс“. Ниту тие што работеа во „Грунер“ и „Геокс“ не поминаа подобро, потсетува Нова.рс. Инаку, „Џинс“ во 2011 година доби субвенција од 1,75 милиони евра за инвестиција од 2,75 милиони евра, а потоа, следната година, добија уште шест милиони за вработување на 760 работници.
Неколку години подоцна, во 2020 година, Фондот за развој на Србија му одобри на „Џинс“ инвестициски заем од 126,7 милиони динари, со поволна каматна стапка од 1,8 отсто. „Бертекс“, според крагуевачките медиуми, од државата во 2018 година добил субвенции од 702.137 евра за вработување работници. Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ често се фали со донесени инвеститори и отворени нови работни места. Сепак, работник кој зборуваше за српските медиуми деновиве, кажа дека едвај преживувал, а платата била нешто над 400 евра.
foto freepik.com/Racool_studio
