
Путин да се предаде во Хаг поради геноцид – бараат дел од српските граѓани
Се наврши една година од почетокот на руската инвазија на Украина, а протест денеска имаше и во српската престолнина Белград.
Проукраински активисти се обидоа да постават торта со череп пред руската амбасада. Полицијата не им дозволи да го сторат тоа. Тие планирале да достават барање рускиот претседател Владимир Путин да се предаде пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг поради „геноцидот во Украина“. Барањето е расфрлано по асфалтот. Активистите ги предводел адвокатот Чедомир Стојковиќ од групата „Октобар“.
„Ја донесовме оваа торта бидејќи ова е единствениот подарок што треба да им се даде. Тоа е она што се случува во Украина, последица на нивната политика и агресија, а тоа ќе се случува сè повеќе и повеќе ако режимот во Москва не биде поразен“, изјави Стојковиќ.
На улиците на српската престолнина се собираат поддржувачи на двете завојувани страни, и украинските групи и здруженија, како и проруските движења.
Русија лани на 24 февруари ја нападна Украина со барање за денацификација, демилитаризација, а воедно рускиот претседател Владимир Путин ги призна Доњецк и Луганск како независни републики.