
Првото родено бебе во Охрид е машко, во Гостивар женско
Машко е и во Охрид првото родено бебе во 2024 година. Како што информира директорот на Општа болница – Охрид, д-р Асен Шајн, бебето е родено во 1 часот и 54 минути по полноќ. Бебето е тешко 2730 грама. Мајката е од Охрид, а неа ја породил дежурниот гинеколог доктор Горан Маркоски и неговата дежурна екипа.
За Гостивар 2024-та ќе биде „женска година“, како што велат старите, според првото новороденче. Утрово на гинеколошко-акушерското одделение во гостиварската болница мајката Кристина Иваноска донесе на свет женско бебенце. Породувањето е извршено со царски рез од медицински тим предводен од д-р Агим Јакупи, раководител на одделението. „Бебето и мајката се во добра состојба, им посакуваме добро здравје и среќа“, рече д-р Јакупи.
