
Протест во Скопје: „Стоп за фемицидот – ниту една повеќе!“
Пред зградата на Министерството за внатрешни работи денеска се одржа протест под мотото „Стоп за фемицид“, поради најновиот случај на убиство на жена, кој, како што велат организаторите, претставува уште еден пораз на системот во заштитата на жртвите од семејно насилство.
Десетици граѓани, активистки и организации за човекови права се собраа „скршени од тага и разбеснети од колективниот крах на институциите“, упатувајќи силни обвинувања за игнорантниот однос на полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судството кон пријавите на жртвите.
„Ова не е изолиран случај, туку секојдневие кое ги дехуманизира жените. Изборот да му се верува на насилникот наместо на жртвата директно доведува до ескалација на насилството. Росица немаше да биде убиена ако институциите постапуваа според своите ингеренции и протоколи,“ порачаа демонстрантите.
Тие потсетија дека државата создава „совршени услови“ за насилниците да се движат слободно и да продолжуваат со кривични дела, додека жртвите се оставени без заштита.
На протестот беа истакнати јасни барања: институционална одговорност и санкции, оставки на одговорни службени лица, како и покренување дисциплински постапки против полицајци, обвинители, судии и социјални служби кои не постапиле по пријави за закани и насилство.
Присутните ја завршија пораката со повик: „Доста беше – ниту една повеќе!“
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk