
Протест на семејствата на жртвите од случајот „Ласкарци“ – осудените сè уште не ја издржуваат казната!
Семејствата на жртвите од автобуската несреќа кај Ласкарци денеска излегоа на протест во Гостивар, барајќи спроведување на правосилната судска пресуда. Тие реагираат дека дел од осудените за трагедијата со автобусот на „Дурмо Турс“ слободно се движат низ градот, присуствуваат на свадби и секојдневно се гледаат на улиците.
Адвокатот на семејствата, Владимир Николовски, изјави дека законските олеснувања поради здравствени причини се злоупотребуваат, бидејќи некои од осудените сè уште не ја започнале казната.
Владимир Николовски – адвокат на семејствата на жртвите:
„Не знаеме поради која причина тие не ја започнале казната. Според неофицијални информации, неколку пати поднесувале барања за прекин, од кои два пати им било одбиено, а на третиот пат со образложение за влошена здравствена состојба казната им е прекината. Тоа е дозволено со закон, но само под строго утврдени услови. Ние сметаме дека тие услови се злоупотребуваат, а не знаеме врз која основа им се продолжува неиздржувањето на казната.“
Семејствата на жртвите велат дека шест години по трагедијата, нивната болка е иста, а неприфатливо е виновните за смртта на нивните најблиски да се движат слободно.
Благојша Трпевски – семејство на жртва:
„Пред да дојдам на протестот, го видов првообвинетиот како вози автомобил низ Гостивар. Пред извесно време истиот човек беше на свадба. Како е можно тоа? Шест години траеше судскиот процес, веќе има правосилна пресуда, а убиецот на 16 лица сè уште не е во затвор.“
Синиша Ристоски – семејство на жртва:
„Човечкиот живот нема цена, нема замена ни за траумите. Но она што очекувавме беше фер судење и почитување на судските одлуки.“
Пресудата за трагедијата кај Ласкарци предвидува затворски казни за повеќе лица:
Дурмиш Бељули, сопственик на „Дурмо Турс“, и Ремзи Мифтари, раководител на транспорт – по 10 години затвор.
Јане Бабаровски, технички контролор – 5 години затвор.
Горан Дуковски и Игор Ѓорѓиевски, технички контролори – по 7 години затвор.
Возачот на автобусот, Маноил Трифуновски – 14 години затвор.
Дуковски, Ѓорѓиевски и Трифуновски веќе ја започнаа издршката на казната на 6 јуни годинава, додека останатите сè уште се на слобода.
