
Просечната нето-плата во земјава 45 илјади денари – раст од 9 проценти
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во Македонија во октомври 2025 година достигна 45.943 денари, што е раст од 9 проценти во однос на истиот период минатата година.
Најизразен пораст на платите е регистриран во секторот здравствена и социјална заштита, каде што просечната месечна нето-плата е зголемена за 13,3 проценти. Веднаш зад него се административните и помошни услужни дејности со раст од 13,2 проценти, како и дејностите поврзани со недвижен имот, каде платите се зголемени за 10,9 проценти на годишно ниво.
Од ДЗС посочуваат дека зголемување на просечната нето-плата е забележано и во однос на претходниот месец. Најголем месечен раст има во дејностите поврзани со недвижен имот од 9,5 проценти, следуваат информациите и комуникациите со 4,2 проценти и административните и помошни услужни дејности со 3,6 проценти.
Според статистиката, растот на платите во овие сектори има најголемо влијание врз вкупното зголемување на просечната месечна нето-плата на национално ниво.
