
Проф. д-р Крлиу: Секогаш сме биле предводници на новите идеи, УАКС продолжува да расте и да менува животи преку образование
Во рамки на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, Универзитетот Американ Колеџ
Скопје (УАКС) уште еднаш ја потврди својата заложба да биде универзитет кој не само
што ќе пренесува знаење, туку и ќе го обликува начинот на кој што општеството
размислува, делува и се развива.
На свечениот настан, протекторката за настава и претседателката на Одборот на
директори, проф. д-р Венера Крлиу истакна: „Пред дваесет години, кога го основавме
Американ, имавме една идеја – која беше храбра, можеби и амбициозна – но беше
многу конкретна и јасна. Да создадеме образовна институција која ќе гради кариери,
но пред сѐ карактери, која ќе го трансформира општеството преку знаење и ќе ги
следи највисоките светски стандарди на академска извонредност. Нашата заложба
била и останува да создадеме граѓани на светот – и навистина е задоволство да се
види тоа во секој еден наш студент.”
Во тој дух, УАКС најави дека почесната титула Професор Honoris Causa ќе ѝ биде
доделена на проф. д-р Светлана Мојсов, светски призната биохемичарка, професорка
на Универзитетот Рокфелер и член на Американската академија на науки. Проф.
Мојсов е најпозната по своето револуционерно откритие во лекувањето на дијабет – со
огромно позитивно влијание врз милиони луѓе во светот.
Во рамки на јубилејната година, УАКС ќе реализира низа тематски настани,
вклучително и голем едукативен форум во ноември, посветен на иднината на
образованието во Македонија и пошироко. Форумот ќе ги обедини истакнати
професори, институционални лидери и визионери од земјата и регионот.
„Тој ќе биде точка на пресврт, клучен момент од кој ќе произлезат многу нови идеи,
важни за образованието во земјата. Секогаш сме биле предводници на новите идеи,
така ќе биде и понатаму“, рече проф. Крлиу.
Како што беше истакнато на вчерашниот настан, УАКС продолжува да предводи со
интегритет, љубопитност и посветеност кон напредокот – докажувајќи дека
образованието, кога е длабоко вкоренето во вистинските вредности, има моќ да
создава трајна промена.
