
Продолжен рокот за пријавување на пожарникари – Ангелов: Ни се јавуваат луѓе кои не се пријавени како активни баратели на работа
Околу 400 кандидати досега се пријавиле на јавниот повик за вклучување во владината мерка за ангажман на граѓани во превенција од пожари, информира Стојанче Ангелов.
Рокот за пријавување е продолжен за уште пет дена, а интересот е голем, иако е ограничен бидејќи само активни баратели на работа регистрирани во Агенцијата за вработување можат да учествуваат.
„За жал, нам ни се пријавија повеќе луѓе вклучително и кај мене лично, но и во нашите институции, лица кои не се пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа или работат на други места, но се заинтересирани да се вклучат во оваа мерка. Од овие причини овие лица не можат да се приклучат кон оваа мерка“, вели Стојанче Ангелов.
Сите кои се заинтересирани, а не се регистрирани, може уште сега да се пријават во Агенцијата и да аплицираат со лекарска потврда.
Најмал интерес има во Скопје, каде се планира ангажирање на 80 лица, а најмногу апликанти има во останатите градови. Ангелов ги повика младите и здрави лица да се пријават и потенцираше дека ова може да биде прв чекор кон вработување како пожарникари.
