
ПРОДАВАЛЕ СУНЃЕР, СИРЕЊЕ, ЈАРИЊА И ЈАГНИЊА… – како кратовчаните наплатија 10 милиони евра и им остана чист еден милион
РИК Силекс Кратово знае
како се прави добар профит. И тоа со намалени приходи. Тајната е сепак, во
повеќе намалените трошења, кои и донесоа на компанијата и тоа како солидна
добивка за шест месеци.
Или, ако го погледнеме
консолидираниот Биланс за успех за првите шест месеци од годинава, тие говорат
дека овој кратовски комбинат направил чист профит од близу еден милион евра,
или конкретно 959 илјади. Ако се направи споредба со истиот период од минатата
година, тоа е речиси двоен пораст, или конкретно добивката пораснала за 82
отсто во однос на истиот период од минатата година.
И, за успехот да се
смета за поголем, овој одличен финансиски резултат комбинатот го остварил во
услови на намалени приходи, иако не значајно, но сепак за девет проценти во
однос на истиот период лани. Односно, оперативните приходи на Силекс достигнале
9,81 милиони евра.
Од компанијата, во
своето образложение на финансискиот резултат, велат дека овие пари, односно
приходите, се направени од продажба на сунѓер, сирење, јариња, јагниња,
патенти, како и угостителски и транспортни услуги.
Најголем дел од
приходите се всушност приходи од продажба, и тоа 9,5 милиони евра.
И, она што е битно да се
каже, е дека домашниот пазар некако не им бил наклонет на кратовчани, но затоа
многу подобро сработриле на странските пазари.
Па така, приходите од
продажба на домашниот пазар изнесувале 3,96 милиони евра, што е намалување за
13 отсто во однос на истиот период од минатата година, додека, пак, приходите
од продажба на странскиот пазар биле на ниво од дури 5,5 милиони евра, што е
исто така намалување во однос на истиот период лани, но за помали пет проценти.
Е сега доаѓаме до
главното како е зголемена добивката. Имено, оперативните расходи за првите шест
месеци од годинава изнесувале 8,77 милиони евра, што е пад за 13 проценти. И,
тоа прави приходите да се значајно повисоки од расходите, што, пак, ја создава
многу солидната добивка од милион евра за едно полугодие.
„расходиуте се помали од
претходната година, па по тој основ добивката е поголема за оваа година“, се
вели во штурото образложение од компанијата.
А, на што најмногу
трошеле во РИК Силекс.
Најголемата расходна
ставка во Билансот на успех се трошоците за суровини и други материјали, за кои
компанијата платила 5,9 милиони евра, и тука имаме благо зголемување за 4
проценти.
Вработените, пак, зеле
на име на плати 1,5 милиони евра, и тие имаат причини за здоволство, бидејќи
примањата им пораснале за 5 проценти.
Или, оперативната добивка,
која е всушност резултат на кор бизнисот на компанијата, е на ниво од 995
илјади евра, што е исто така раст за 81 отсто во однос на истиот тајминг од
минатата година.
Комбинатот има направени
мали финансиски приходи, но затоа финансиските расходи, кои изнесувале 37
илјади евра, се зголемени за 53 отсто, иако тие не се значајна ставка.
Или, чистиот профит кој
им останува на газдите е 959 илјади евра, што е за 82 отсто повеќе од истиот
период лани. Ете така се прави, кога се знае да се стегнат трошоците и да се
профитира.
Н.Н.Ф.
