
Привремена измена на сообраќајот кај надвозникот „Влајко“ во Влае – седум дена стручни мерења
Општина Карпош ја известува јавноста дека во вторник, на 29 јули 2025 година, со почеток во 7:30 часот, ќе започнат активности за статичко испитување на надземниот премин „Влајко“ во населбата Влае.
Поради спроведување на стручните мерења, ќе биде воведен привремен сообраќаен режим, кој ќе се реализира во две фази. Во првата фаза ќе биде затворена една по една лента на булеварот „Партизански одреди“ во насока исток–запад, кон Ѓорче Петров. Потоа, ќе следи втората фаза – затворање лента по лента во насока запад–исток, кон Центар.
Општината информира дека и покрај измените, сообраќајот ќе се одвива непречено, со привремено поставена сигнализација и ограничување на брзината од 30 km/h.
Мерењата ќе траат седум работни дена, по што ќе биде воспоставен редовниот режим на сообраќај. Од Општина Карпош апелираат до сите учесници во сообраќајот за трпение, разбирање и почитување на новата привремена регулација.
