
Привремен прекин на летовите на аеродромот во Санкт Петербург
Рускиот аеродром „Пулково“ во Санкт Петербург привремено ги запре слетувањата и полетувањата за да се осигура безбедноста на цивилните авиони, објави руската воздухопловна управа Росавијација.
Не ја разјасни причината за одлуката за привремено прекинување на воздушниот сообраќај, но руските аеродроми претходно беа затворени поради заканата од напади со украински беспилотни летала на нивна територија.
„Се преземаат сите неопходни мерки“
Александар Дрозденко, гувернер на регионот каде што се наоѓа градот Санкт Петербург, изјави дека руските сили собориле два дрона во Финскиот залив.
„Аеродромот привремено не прима ниту испраќа летови“, напиша претставник на Росавијација на Телеграм.
„Летските екипи, контролорите на летање и аеродромските служби ги преземаат сите неопходни мерки за да се осигура безбедноста на летовите – тоа е врвен приоритет“, додаде тој.