Приведени 12 возачи за безобѕирно управување возило – 10 возеле без дозвола, а двајца под дејство на алкохол
Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 12 возачи за безобѕирно управување возило.
Од нив 10 управувале возило без возачка дозвола и двајца управувале возило под дејство на алкохол. Во Скопје двајца возеле без возачка дозвола, еден во Штип, еден во Кичево, двајца во Велес и четворица во Тетово, од кои двајца малолетници.
Еден возач во Велес управувал возило под дејство на алкохол и предизвикал сообраќајна незгода. Под дејство на алкохол возел и еден возач во Битола. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.