
Пријавена епидемија на труење со храна во Куманово кај шест лица кои присуствувале на семинар-обука
Центарот за јавно здравје Куманово (ЦЈЗ) соопшти дека вчера е пријавена епидемија на труење со храна кај шест лица кои присуствувале на семинар-обука организирана на 11 септември во ресторан во Куманово.
Од вкупно 36 учесници, шестмина развиле симптоми на труење со храна, меѓу кои повраќање, дијареја, треска до 41 степен, болки и грчеви во стомакот. Двајца се хоспитализирани, тројца се на дневна болница, а еден е на домашно лекување.
Епидемиолозите од ЦЈЗ Куманово, заедно со подрачните единици на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на 15 септември извршиле координиран надзор во ресторанот и земале мостри од храната за микробиолошко испитување.
Од ЦЈЗ Куманово информираат дека се преземени сите хигиено-епидемиолошки мерки, објектот е затворен додека не се добијат резултатите од испитувањето, а епидемиолошката состојба се следи.

