
Предлогот за куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов доставен до Кривичен, се чека Судски совет!
Истрагата за судијата Ѓоко Ристов, во чиј семеен имот во Неготино беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид, добива нов правен тек. Основното јавно обвинителство (ОЈО) до Основниот кривичен суд достави предлог за определување мерка куќен притвор и дополнителни мерки за обезбедување присуство.
Предлогот веќе е распределен кај судија на претходна постапка. Тој веднаш испратил известување до надлежниот судски совет, од каде се очекува одговор пред да се продолжи со понатамошно постапување.
„Се очекува одговор од Судскиот совет, по што судијата ќе продолжи со постапување“, велат од Кривичниот суд. Оваа процедура е неопходна бидејќи судиите уживаат имунитет, па за определување мерка притвор потребна е согласност од Судскиот совет.
Случајот се смета за исклучително сложен и обемен. Надлежните работат на целосно документирање на настанот и утврдување на потеклото на пронајдените пари, додека судијата официјално се води на боледување од минатата недела.
