
Пред да почне, заврши седницата на Советот на Град Скопје на која се очекуваше да се расправа за дивоградби
Советот на Град Скопје не успеа да ја одржи 19-та вонредна седница на која требаше да се расправа за дивоградбите во Чаир и Сарај. Поради отсуство на најстариот советник Халиде Палоши, седницата ја водеше Никола Пановски, по предлог на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај присуството на градоначалничката Данела Арсовска и директорите на јавни претпријатија, дневниот ред не беше изгласан. Седницата заврши пред да започне. Арсовска ги нападна опозициските советници и го обвини градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, за криминал, што предизвика остри реакции и повлекување на точката за Сарај од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ намерно ја повлекле точката за да ги заштитат урбаната мафија и нивните партнери. Советот остана без расправа, а обвиненијата за популизам, блокади и политички игри доминираа над суштината – решавањето на проблемот со дивоградбите.