
Прецизност, транспарентност и отчетност, без компромис за квалитетот – Министерката Божиновска во посета на Бирото за метрологија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска
го посети Бирото за метрологија, орган во состав на Министерството, со цел да
се запознае со тековните активности и предизвици на оваа институција. За време
на посетата, министерката Божиновска се сретна со директорот на Бирото, Седат
Рушани, и вработените во лабораториите.

Една од главните теми на разговор беше одржувањето и развојот на
националните еталони и сертифицираните референтни материјали, кои се од
суштинско значење за обезбедување на мерната точност во различни индустрии и
научни истражувања. Министерката истакна дека Министерството ќе продолжи да ја
поддржува модернизацијата на лабораториите и опремата на Бирото, со цел да се
обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди и конкурентност на
македонските производи на глобалниот пазар.
Ова Биро е задолжено за испитување на квалитетот на горивото, златото,
верификација на мерила водомери, мерила на електрична и топлотна енергија,
хомологација на возила и друго.
Беше дискутирано за важноста на инспекцискиот надзор над употребата на
законските мерни единици и калибрацијата на мерилата, како и за потребата од
континуирана едукација и обука на кадарот во Бирото. Министерката Божиновска
нагласи дека точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и
заштитата на потрошувачите, и дека Министерството ќе вложи напори за
зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија.
Во текот на разговорите, министерката побара детален извештај за
досегашните активности на Бирото, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се
соочува институцијата. Таа истакна дека е неопходно да се идентификуваат и
адресираат сите потенцијални неправилности или пречки кои можат да влијаат на
ефикасноста на работата на Бирото.
Министерката Божиновска ја потенцираше важноста на транспарентноста и
отчетноста во работата на сите институции под надлежност на Министерството. Таа
изрази очекување дека Бирото за метрологија ќе продолжи со својата посветеност
кон одржување на високите стандарди во своето работење и ќе преземе соодветни
мерки за надминување на сите идентификувани предизвици.
