
ПРАТЕНИК ОД БУГАРИЈА СОБРА 27.000 ЕВРА ЗА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ: Вели проблемите ќе дојдат подоцна и ќе имаат потреба од интервенции
И бугарските граѓани донираат пари за семејствата на повредените од пожарот во Кочани. Досега се собрани 27.000 евра.
Бугарскиот пратеник Манол Пејков од 16 март до 19 март преку хуманитарна кампања на својата фондација „Манол Пејков и пријатели“ собрал околу 54.000 лева, односно околу 27.000 евра, објави БНР.
Пејков објави дека дека сите пари кои се собрани ќе бидат донирани на семејствата на повредените кои се лекуваат во Софија и во Варна.
„Ситуацијата е многу тешка. Нашата прва насока беше поврзана со луѓето кои се во Бугарија и треба да стојат покрај креветите на нивните деца кои се здобија со тешки изгореници. Бугарската држава ќе ги покрие нивните трошоци во првите 7 до 10 дена. Проблемите ќе дојдат потоа. Најверојатно, ќе има потреба од пластична хирургија и секакви интервенции“, вели Пејков за БНР.
Повредените се лекуваат во повеќе европски земји. Во Кочани во неделата загинаа 59 луѓе и тие денеска беа погребани.

