
Пратениците да си дојдат утре пешки, ние ќе работиме, синдикатите ќе си протестираат, кажа спикерот Гаши
Собраниските активности закажани за утре ќе се одвиваат според планираното, и покрај најавениот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој најави блокада на влезовите во законодавниот дом. Ова го потврди претседателот на Собранието, Африм Гаши, по утринската координација со координаторите на пратеничките групи.
ССМ најави дека ќе ги блокираат влезовите со цел да им се оневозможи на пратениците да дојдат на работа и да наплатат патни трошоци. Од кабинетот на Гаши информираат дека тој побарал пратениците да најдат начин да стигнат на своето работно место, при тоа почитувајќи го правото на граѓаните на протест.
За да се спречат инциденти, извршена е координација со началниците на МВР и направена е безбедносна проценка на ситуацијата. Иако протестот е фокусиран на барањата за зголемување на минималната плата и кратење на функционерските плати, овие прашања не беа предмет на дискусија на денешната координација. Гаши истакна дека поддржува благосостојба на граѓаните, но напомена дека тоа е комплексно економско прашање кое бара внимателно разгледување.

