
Пожарот кај Јасен сè уште е активен, патот Македонски Брод – Скопје затворен за сообраќај
Поради активниот пожар во Националниот парк „Јасен“, и понатаму важи забраната за сообраќај на регионалниот пат Р1106, кој ја поврзува трасата Македонски Брод – Скопје.
Од Автомото сојузот на Македонија информираат дека овој патен правец е целосно затворен за сите видови моторни возила. На останатите државни патишта сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ додава дека интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен, а поради летниот одморен период се забележува поголем број возила и на граничните премини. И покрај тоа, од македонска страна не се регистрирани подолги задржувања при влез или излез од државата.
До крајот на август е во сила летниот режим на сообраќај, со кој се ограничува движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите и во денови со екстремно високи температури. Ограничувањата важат во петок од 17:00 до 22:00 часот, во сабота од 09:00 до 18:00 часот и во недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во периоди на екстремна жештина, утврдени од Министерството за здравство, забраната се проширува и на работните денови од понеделник до четврток, од 11:00 до 17:00 часот.
Од ограничувањата се изземени возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и други житни култури, брзо расипливи производи, нафта и нафтени деривати, опасни материи, како и транспорт поврзан со изведба на проекти на државните патишта за кои постојат склучени договори со ЈП за државни патишта.
